Францускиот спортски весник „Л’Екип“ тврди дека Зинедин Зидан завршил со Реал Мадрид, и дека опцијата за враќање во неговиот стар тим, Јувентус, останува реална можност.
Според нивните извори, Зидан оваа недела ќе се сретне со претседателот Флорентино Перез, опо што ќе следува потврда на заминување на францускиот тренер. Перез вообичаено напролет ги бира тренерите на Реал Мадрид за следната сезона, но откако Реал не успеа да освои ниту една титула оваа сезона, првпат од 2009/10, чувството кај двајцата е дека соработката стигнала до својот крај.
Минатата недела, самиот Зидан изјави дека Реал Мадрид „можеби“ ќе бидат подобар тим без него, а од друга страна во Италија, Јувентус се наоѓа пред неколку клучни одлуки, кои ќе дојдат „од високо“.
Иако Андреа Пирло ја освои Копа Италија и суперкупот оваа сезона и успеа да влезе во Лигата на шампионите, чувството е дека Јувентус имаа крајно разочарувачка сезона, помешана со пандемијата на корона вирусот и падот на приходите, како и со фијаското со Европската Суперлига. Во Јувентус, покрај Пирло, не е сигурна ниту позицијата на Андреа Ањели, бидејќи „Ексор“, матичната компанија на Јувентус, Фиат и Ферари, уште не одлучила дали тој ќе продолжи.