Хрватскиот селектор, Златко Далиќ воопшто не е задоволен од тоа што Хрватска се најде во група со Аргентина, Исланд и Нигерија, според многумина најтешката од сите групи, откако во ждрепката немаше „група на смртта“.
„Ждрепката секогаш може да биде подобра, а може да биде и полоша. Ќе биде многу тешко, но можеме да ја поминеме. Нигерија е опасна африканска репрезентација со силни играчи, Аргентина со Меси е фаворит, но нема да се предадеме. Завршуваме со Исланд, репрезентација која ни е добро позната. Исландскиот селектор ми кажа: ‘само не со вас’, но тоа беше среќата“, вели Далиќ.
Од друга страна, Исланд своето деби на едно Светско првенство ќе го има против Лионел Меси и Аргентина! Диего Марадона беше задоволен.
„Воопшто не се работи за лоша група. Аргентина мора да биде подобра, бидејќи не можеме да играме лошо како досега“, изјави Марадона.
Капитенот на исландската репрезентација, Арон Еинар Гунарсон не крие дека групата е екстремно тешка, но вели дека целта е иста – да се помина групата.
„Повторно ја добиваме Хрватска, која беше тешка репрезентација за нас, иако ги победивме. Аргентина е една од најсилните репрезентации на светот, а Нигерија има фантастични фудбалери. Ќе биде тешко, но знаевме што не чека. Знаев дека ќе ја добиеме Аргентина или Бразил. Немаме што да загубиме, и кога сме во таква позиција обично играме добар фудбал. Нема да има притисок, освен тој кој ќе си го поставиме самите“, вели Гунарсон.
Одредени групите за Мундијалот, аргентински тест за Хрватите, бразилски за Србите