Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Дарен Флечер е нов помошник на Оле Гунар Солскјер на „Олд Трафорд“, откако „ѓаволите“ му посакаа „Добредојде дома“ на Шкотланѓанецот.
Сер Алекс Фергусон го донесе Флечер во Манчестер кога тој имаше само 11 години и тој помина низ сите младински екипи на „ѓаволите“ пред од 2003 до 2015 година да биде дел од првиот тим, одигрувајќи 223 меча и освојувајќи трофеј од Лигата на шампионите и пет од Премиер лигата. По Јунајтед, тој играше и во Вест Бромвич Албион и Стоук, каде што стави крај на кариерата во 2019 година.
„Во крвта на Дарен е ДНК-та на Манчестер јунајтед и тој точно знае што значи да се биде фудбалер на Манчестер јунајтед. Тој ја почнвуа тренерската кариера и има искуство и победнички менталитет“, изјави Солскјер.
Флечер е вториот поранешен соиграч на Солскјер во неговиот тренерски тим, по Мајкл Керик, кој е тренер на првиот тим од 2018 година.