Кевин де Бројне открива дека само двапати разговарал со Жозе Мурињо додека играше под португалскиот стручњак во тимот на Челси.
26-годишниот Де Бројне дојде во западен Лондон во 2012 кога Роберто ди Матео беше тренер на „Сините“, но веднаш беше пратен на позајмица во Вердер Бремен. Кога се врати, Мурињо беше менаџер на Челси, и под него тој успеа да оствари само девет настапи, пред да биде продаден во Волфсбург за 18 милиони фунти.
Играчот од средниот ред сега го ценат за еден од најдобрите фудбалери на светот и е главен фаворит покрај Мохамед Салах од Ливерпул (уште еден поранешен играч на Челси), за наградата најдобар играч во Премиер лигата.
„Каков беше односот со Мурињо? Би кажал далечен. Јас не сум човек кој зборува многу со моите тренери. Ако тренерот го сака тоа, тогаш ќе го направи. Тој е шефот. Можеш да бидеш добар со него, но секогаш постои дистанца меѓу тренерот и фудбалерот. Со Мурињо зборував двапати, кога сакав да заминам за Дортмунд на почетокот на летото, и вторпат кога му кажав: ’За мене е подобро да заминам, сакам да играм’“, објаснува Де Бројне.