Top Sport

Ремзи-шоу за Арсенал, Лацио со четири парчиња за Салцбург (видео)

По првите мечеви од четврт-финалето на Лигата на шампионите, во четвртокот се одиграа и дуелите меѓу најдобрите осум во Лигата на Европа, каде што најмногу внимание предизвика фантастичното прво полувреме од мечот Арсенал-ЦСКА Москва, кој заврши со 4:1 победа на „топчиите“.

Со одлична напаѓачка игра и со по два гола на Арон Ремзи и на Александер Лаказет, „топчиите“ се на чекор до полуфиналето, откако ЦСКА беше луто казнета за сите дефанзивни пропусти. Посебно импресивен беше вториот гол на Ремзи, со фантастичен удар со пета.

Многу голови имаше и во Рим, каде што Лацио со 4:2 го совлада австрискиот Салцбург, иако гостите двапати имаа нерешен резултат (1:1 и 2:2). Андерсон и Имобиле во само две минути (во 74. и 76. минута) ја обезбедија победата на лацијалите.

Атлетико Мадрид, пак е многу блиску до полуфиналето, откако со 2:0 со головите на Коке и Гризман беше подобар од Спортинг Лисабон, за кој не настапи македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски.

Лајпциг ќе се „поти“ на гостувањето на „Велодром“, откако во првиот меч со 1:0 го совлада Марсеј. Креатор на победата беше Тимо Вернер со гол во финишот на првото полувреме.

 

ЛИГА НА ЕВРОПА, 1/4 ФИНАЛЕ, 1. МЕЧ

Арсенал – ЦСКА Москва 4:1

Атлетико Мадрид – Спортинг 2:0

Лацио – Салцбург 4:2

РБ Лајпциг – Марсеј 1:0

Scroll to Top