Ѕвездата на Манчестер сити, Кевин де Брујне вели дека понекогаш чувствува дека има „две лица“ кога ќе излезе на фудбалскиот терен, признавајќи дека може да биде „вистинско мало копиле“.
Иако не е познат како фудбалер со жесток темперамент (има просек од еден жолт картон во 10 натпревари за Сити), тој признава дека честопати жарот за победа е огромен. Тој беше запрашан за инцидентот во 2017 година, кога мораа да го спречувааат да се пресмета со судијата на полувремето на мечот од Лигата на шампионите против Наполи. Сити водеа со 2:0 пред полувремето, но Де Брујне доби жолт картон пред крајот на полувремето по што Давид Силва и Фернандињо мораа да го спречуваат да не оди кај судијата.
„Да, понекогаш сум лут на теренот. Тогаш судијата ми даде жолт картон и само сакав да го прашам: ’Зошто побогу ми даде жолт’. Во тој момент можам да се тепам. Една минута подоцна сум океј, но некогаш знам да сум вистинско мало копиле на теренот“, вели Де Брујне.
Де Брујне има добиено два црвени картони во кариерата, но ниту еден како фудбалер на Сити. Како млад фудбалер во Генк, тој доби два жолти картони во првите 20 минути од меч против Клуб Бриж во 2010, а неговиот тим одигра 2:2. Четири години подоцна, тој доби црвен додека беше фудбалер на бундеслигашот Волфсбург на гостувањето кај Аугзбург и тоа во судското продолжение поради расправање со судијата.