Белгија со максимални десет победи ги заврши квалификациите за пласман на ЕУРО 2020. На шампионатот од 12 јуни до 12 јули наредната година Белгијците ќе бидат едни од фаворитите за титулата.
По завршувањето на мечот со Кипар, еден од главните играчи на Белгија, Кевин Де Брујне го искажал револтот бидејќи и пред одржувањето на ждрепката веќе се познати противниците на неговата репрезентација.
Според системот на УЕФА веќе се знае дека Белгија ќе игра против Русија (играа и во квалификациската група), Данска и Велс или Финска.
„Мене ова ми наликува на лажно првенство. Фудбалот се повеќе станува бизнис. Срамота е однапред да се знаат противниците“, рекол играчот на Манчестер сити.
Ждрепката по која ќе бидат познати сите групи за ЕУРО 2020, кое ќе се игра во 12 градови низ Европа, ќе се одржи на 30 ноември во Букурешт.