Холандскиот фудбалер Џонатан де Гузман во интервју за холандскиот „Де Фолтскрант“ открива дека животот во тимот на Наполи му бил вистински пекол, обвинувајќи го медицинскиот тим дека му ја уништил кариерата, а директорот на клубот Кристијано Џунтоли дека го тепал.
31-годишниот Де Гузман, кој сега игра во Ајнтрахт Франкфурт, беше фудбалер на Наполи од 2014 до 2017, иако поголемиот дел од ова време го помина како позајмен фудбалер во Карпи и Киево. На крајот, тој имаше 36 настапи за Наполи со седум голови и сега го открива пеколот на „Сан Паоло“.
Тој тврди дека во март 2015 година почнал да чувствува проблеми со стомакот и отишол кај главниот лекар Алфонсо де Никола, човек кој уште е во клубот.
„Тој ме стави на диета и ми кажа да одморам, но болката се враќаше. Рафа Бенитез ми велеше да видам друг лекар, но од клубот не ми го дозволија тоа. Кога Бенитез замина дојдоа Маурицио Сари и спортскиот директор Џунтоли. Тие ме тераа да работам напорно, иако немав сила. Во Наполи не веруваа дека сум повреден. Можев да одам и да трчам, но не можев да се вртам и да шутирам и тие мислеа дека се преправам“, објаснува Де Гузман.
По ова, Наполи сакале да го продадат Де Гузман во Сандерленд или Бурнемаут, но тој им порачал дека прво сака да се врати во форма.
„Џунтоли беше лут и ми порачаа дека мојата кариера во Наполи ќе биде мртва и дека нема да играм повеќе. Кога се вратив во Италија, Џунтоли ме пречека лут и ме нарече гомно и ме удри во лице. Почнавме да се тепаме, пред Камило Зунига да не раздели. Се обидов да разговарам со претседателот Аурелио де Лаурентис, но тој не одговараше. Потоа дојде неговиот син Едоардо и ми порача дека ќе скапам тука. По четири недели ми дозволија да одам кај друг лекар и во Данска ми открија дека имам спортска кила и дека ми е потребна операција“, додава Де Гузман.
Сепак, и покрај овие случки Де Гузман вели дека нема лоши сеќавања на Неапол.
„Сѐ беше супер во Наполи, од навивачите до условите, сѐ освен неколку луѓе. Фудбалот е бизнис и тоа тежок бизнис, го сфаќам тоа, но тие беа нехумани“, завршува фудбалерот.
Фото: ЕПА