Голманот на Манчестер јунајтед, Давид де Хеа како и повеќето фудбалери на Манчестер јунајтед не беше задоволен од судењето на словенечкиот судија Славко Винчиќ, сметајќи дека тој ги оштетил при постигнатиот гол на Атлетико Мадрид кој беше клучен за 0:1 поразот и елиминацијата во осминафиналето на Лигата на шампионите.
„Не сакам да зборувам за судијата. Сите кои го гледаа мечот можеа да забележат што се случуваше и ние не можеме да го смениме тоа. Не беше прифатливо. Атлетико кога поведоа, го ставија целиот тим пред Јан Облак. Тие се дефанзивен тим и тешко е да се даде гол против нив. Но, Атлетико се тим со големо искуство и знаат да играат вакви мечеви. Сепак, мислам дека направивме доволно во двата меча, но на крајот бевме елиминирани“, изјави шпанскиот голман.
Тој признава дека пет години без трофеј се катастрофални за тим како Јунајтед.
„Секако, тоа не е доволно. Тешко е за клубот, за нас и за фановите. Но, тука сме во моментов. Мораме да се бориме“, додава Де Хеа.