Новото засилување на Милан, Шарл де Кетеларе вели дека е почестен од споредбите со поранешниот херој на „росонерите“, Кака и се надева дека може да направи исто толку како Бразилецот во Италија.
21-годишниот Де Кетеларе во петокот беше официјално презентиран како фудбалер на италијанскиот шампион, откако го комплетираше трансферот од 32 милиони евра од Клуб Бриж, потпишувајќи петгодишен договор. Кака играше за Милан од 2003 до 2009 година, освојувајќи ја титулата од ЛШ во 2007, сезона во која беше најдобар стрелец, освојувајќи ја и „Златната топка“.
„Сум гледал многу видеа од Кака, тој беше навистина фантастичен фудбалер. Јас имам сопствен карактер, но се надевам дека ќе имам сличен придонес за овој тим. Милан има богата историја и традиции, многу легенди игрле тука, така што во моментов се фокусирам на иднината“, вели Де Кетеларе.
Белгискиот репрезентативец вели дека бил привлечен од комбинацијата на искусни и млади фудбалери во тимот, кој минатата сезона ја освои својата прва титула по 11 години.
„Беше важно што видов како младите фудбалери добиват простор во клубот. Колку што повеќе играа, толку станува подобри и тоа беше клучно во изборот. Се надевам дека ќе ја искористам мојата шанса“, вели Де Кетеларе.