Луис де ла Фуенте ја освои Лигата на нации и Европското првенство со Шпанија откако ја презеде селекторската функција. Сениорскиот тим го презеде по успехот со помладите категории (беше европски првак со селекциите до 19 и 21 година) и продолжи со истото темпо и со сениорите, а и по освојувањето на титулата во Германија и победата над Англија, не можеше да не ја спомене важноста на целиот систем.
„Резултатот не е важен, важен е целиот процес, а резултатот е производ на системот. Овие млади луѓе се пример за општеството, би било добро да ги цениме како вредни спортисти, а резултатот е само производ на планирана, долгорочна работа“, рече 63-годишниот тренер, кој по неуспешниот Мундијал во Катар, во јануари 2023 година го наследи на функцијата Луис Енрике.
Де ла Фуенте смета дека на Родри треба да му биде доделена Златната топка.
„Денес, Микел (Ојарзабал) постигна гол и создаде многу проблеми за англиската одбранбена линија. Негова заслуга е што Зубименди имаше сензационално второ полувреме кога Родри беше надвор од игра. Сега ќе ве молам Златната топка да му ја доделите на Родри“.
Инаку, Родри фудбалер на Манчестер сити е прогласен за МВП на Европското првенство.