Top Sport

Де Лаурентис: Наполи ќе размисли дали ќе потпишува со африкански фудбалери

Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис вели дека веќе нема да потпишува договори со фудбалери од Африка доколку тие не потпишат согласност да не играат на Африканскиот куп на нации, и открива дека одбил понуда од 900 милиони долари да го продаде клубот.

Во составот на Наполи играат Нигериецот Виктор Осимен и Камерунецот Андре Замбо Ангиса, а во тимот долго беше и Калиду Кулибали, пред ова лето да биде продаден на Челси.

„Им кажав, не ми зборувајте за африкански фудбалери. Ги сакам, но ако не потпишат нешто дека нема да играат на Африканскиот куп на нации, бидејќи така не се достапни за нас. Ние сме идиоти што им даваме пари за да играат на другата страна на светот“, вели филмскиот продуцент.

Тој исто така открива дека добил понуда од американски инвеститори во текот на сезоната 2017/18, но дека одбил 900 милиони долари

„Во последните години, овие инвестициски фондови станаа популарни, но тие мораат да гарантираат заработувачка во период од пет години. Забележаа дека фудбалот претставува голема можност и дека можат да ги удвојат инвестициите, продавајќи го клубот во иднина. Тоа се случи со Милан и Интер, нели? Во 2017/18, Американците ми дадоа таква понуда, но не сфатија дека јас сум само бизнисмен кој ужива во оваа игра и не мисли да застане“, додава Де Лаурентис.

Scroll to Top