Top Sport

Де Лаурентис: Сари е џентлмен, јас не сум

Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис вели дека не би го сменил сегашниот тренер Маурицио Сари ниту за име како Пеп Гвардиола.

Наполи се едно од најголемите изненадувања на стартот на новата сезона, откако Сари ги предводеше до рекордни седум победи на стартот на Серија А и тоа со добра и атрактивна игра. Неодамна, тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри изјави дека не ја цени многу работата на Сари посочувајќи дека „полесно е да бидеш убав отколку да победуваш“.

Де Лаурентис мораше да одговори на оваа провокација и веднаш да го спомене Гонзало Игуаин, Аргентинецот кој со својот трансфер од Наполи во Јувентус предизвика лутина и бес кај „наполитанците“.

„Никогаш не би го сменил Сари за Гвардиола, дури и да имаат иста плата. Сари е сериозен професионалец, кој ги проучува своите играчи со месеци пред да ги пушти во игра и затоа не сакавме да правиме револуција во тимот ова лето. Јас би кажал дека ние сме и убави и победуваме. Мислам дека на Гонзало Игуаин повеќе му недостасува Сари, отколку обратно. Нашиот тренер е џентлмен и не сака да влегува во пресметки, за разлика од мене“, изјави лутиот Де Лаурентис.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top