Top Sport

Де Лаурентис: За 8 години децата нема да сакаат да гледаат фудбал

Контроверзниот прв човек на Наполи, Аурелио де Лаурентис не е задоволен од развојот на фудбалот на глобално ниво, и вели дека мора да има промени доколку сакаме и новите генерации да се грижат за спортот број 1.

Според Де Лаурентис, мечевите се предолги и предосадни и на фудбалот му се заканува маргинализација, бидејќи децата нема да се заинтересирани да го следат и да играат.

„Фудбалот е важна индустрија и без сопирачките на ФИФА и УЕФА, кои го прават тоа со векови, ќе имаше уште поголема вредност. Но, мораме да гледаме кон иднината, бидејќи младите играат само видео-игри. Тонеме и го уништуваме фудбалот. За осум години, на децата нема да им е грижа. Ние сме виновни, бидејќи сме стари идиоти и имаме досадни натпревари“, вели Де Лаурентис во интервју за францускиот весник „Ле Паризиен“.

Де Лаурентис, инаку човек од филмската индустрија, вели дека има неколку идеи за надминување на проблемите.

„Мечевите се предолги, ви се приспива. Со две полувремиња од по 30 минути, со пауза од 2 или три минути ќе имаме брз и допадлив спорт. Покрај тоа, европскиот фудбал треба да доаѓа само од Англија, Франција, Италија, Германија и Шпанија. Од тие пет нации по четири најдобри имате 20 тима. Со еден меч, без домашен и гостински терен и тоа да се игра во вторник, среда, четврток, а во сабота, недела и понеделник да се играат домашните првенства“, завршува Италијанецот.

Фото: ЕПА

Scroll to Top