Top Sport

Тотенхем се „закопа“ во Холандија, стоп за Монако и Анри (видео)

Тотенхем ги загуби реалните шанси за пласман понатаму во Лигата на шампиони, откако на гостувањето кај ПСВ Ајндховен не успеа да издржа и одигра 2:2 во меч полн со возбудувања, поништени голови и црвен картон за Иго Љорис. Тјери Анри во европското деби на клупата на Монако, го предводеше својот тим до разочарувачко 1:1 реми на гости кај Клуб Бриж.

Мексиканскиот напаѓач Ирвинг Лозано ги донесе ПСВ во водство по половина час игра, по големата грешка на Тоби Алдервирелд, а мизеријата за Спарси се зголеми веднаш потоа кога на прв поглед регуларниот гол на Давинсон Санчез беше поништен.

Лукас Моура израмни пред крајот на полувремето, пред само 10 минути по полувремето, Хери Кејн да донесе водство од 1:2. Меѓутоа, голманот Иго Љорис доби црвен картон во финишот на натпреварот по фаулот над Лозано. Првиот поен за ПСВ во ЛШ оваа сезона го обезбеди Лук де Јонг во 87. минута. По ова реми, ПСВ и Тотенхем имаат по 1 поен, додека Барселона и Интер, кои вечерва се среќаваат веќе имаат по шест.

Монако исто така не успеа да стигне до првата победа во ЛШ оваа сезона, по 1:1 ремито во Белгија против Бриж, прв европски со Тјери Анри како тренер. По овој резултат, Монако и Бриж имаат по еден поен, додека Борусија Дортмунд и Атлетико Мадрид се на врвот со по шест поени.

Фото: ЕПА

Scroll to Top