Матијс де Лихт е ценет како еден од најдобрите млади дефанзивци на денешницата, и покрај проблематичната прва сезона во Јувентус, но 20-годишниот Холанѓанец вели дека не помислувал да биде одбранбен фудбалер на почетокот на кариерата.
Де Лихт беше талентиран плејмејкер во младинските школи на Ајакс, пред на 15 години, тренерите да го натераат да игра во одбрана, и тој признава дека тоа на почетокот му било голем проблем. На крајот, Јуве за него платија 75 милиони евра.
„Играв повеќе во средината на теренот, постигнував и голови, имав асистенции, но одеднаш ми кажаа дека треба да одам назад на позицијата на централен бек. На почетокот тоа не ми се допаѓаше, но сега мислам дека тоа што израснав како фудбалер од средниот ред ми помогна во кариерата. Откако се појави ’тики-така’ системот на Барселона, сите сакаа да играт одзади, и таму се потребни одбранбени играчи кои знаат да ракуваат со топката. Менталната сила е најважна за одбранбените фудбалери“, вели Де Лихт.
Тој признава дека има многу за учење, но дека има фантастични партнери – Виргил ван Дајк во холандската репрезентација и Леонардо Бонучи и Џорџо Кјелини во Јувентус.
„Одлично е да се игра со најдобрите фудбалери на светот. Со Виргил сме добро дуо, а сега во Јувентус тука се Бонучи и Кјелини, дефанзивци со огромно искуство од кои можам да научам“, вели Де Лихт.