Даниеле де Роси вели дека искуството да биде фудбалер на Бока јуниорс му покажало дека Аргентина има таква фудбалска страст каква што никогаш не може да се достигне во Италија, оценувајќи го стадионот на Бока, славната „Ла бомбонера“ како „апсурдна и сензационална“.
36-годишниот Италијанец се повлече од фудбалот во јануари, и сега открива детали за искуството да игра за Бока, каде што се пресели во јули 2019 откако Рома контроверзно дозволи да истече неговиот договор.
Тој имаше само пет настапи во Суперлигата пред да се откаже од договорот и да се врати да биде со семејството на почетокот на 2019, но вели дека воопшто не жали за потегот.
„Ќе го потрошам цел карантин за да ги објаснам емоциите кои ги искусив во тие шест месеци. Се работи за уникатно место, налик на Италија, посебно бидејќи половина од Аргентинците имаат италијанско потекло. Тие живеат со страст за сè, од храната до музиката, до страстаза фудбалот. Можеме да зборуваме за фудбалска техника или тактика, но во шест месеци во кои бев таму не видов фудбалер кој влегува со под 100 отсто во дуелите“, вели Де Роси за „Скај спорт Италија“.
Де Роси постигна еден гол за Бока, во своето деби при 1:1 ремито со Алмагро во Копа Аргентина, а во март го доби шампионскиот медал откако Бока ја освои Суперлигата, титула која 18 години не ја освои со Рома. Тој признава дека „Ла бомбонера“ е нешто посебно.
„Најубавото нешто се гледа на трибините. Тоа е топлина која веќе ја немаме во Италија – чиста и несебична страст. Се работи за најапсурден и најсензационален стадион на светот. Би сакал сите фанови да го почувствуваат тоа. Имав привилегија што играв таму“, вели Де Роси.