Фудбалскиот клуб Џенова ќе го назначи Даниеле Де Роси за нов тренер, објавија денес италијанските медиуми.
„Фудбал Италија“, објави дека Де Роси ќе потпише договор до крајот на сезоната, со опција за продолжување на соработката доколку тимот избори опстанок во Серија А.
Де Роси ќе го предводи тимот во претстојниот првенствен натпревар против Фиорентина во недела.
Управата на Џенова не сакаше да го одложи назначувањето на новиот тренер, туку да го ангажира пред паузата во првенството.
Исто така, раководството реагираше брзо бидејќи очекуваше Де Роси да добие понуда од друг клуб.
Џенова го отпушти тренерот Патрик Виеира на 1 ноември откако тимот не победи на ниту еден натпревар во првите девет кола од Серија А.
Оттогаш, тимот го предводеа Роберто Мургита и Доменико Кришито, а во понеделник, Џенова ја оствари својата прва победа во лигата, против Сасуоло со 2:1 и се искачи на 18-то место на табелата со шест бода.
