Италија во петок го игра првиот бараж-натпревар за пласман на СП во Русија против Шведска, и капитенот на „аѕурите“, Даниеле де Роси, вели дека имаат среќа што во шведскиот состав повеќе не е Златан Ибрахимовиќ.
Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Ибрахимовиќ неодамна се повлече од националниот дрес, а покрај тоа има незгодна повреда на коленото и се очекува да се врати на терените во декември.
„Наша предност е што во тимот нема да игра Златан Ибрахимовиќ. И да има 40 години и скршена нога би направил проблеми за нашиот тим. Не би сакал да го чувам. Вака, мислам дека ја имаме добро проучено нивната игра и дека ќе се пласираме на СП“, вели Де Роси.
34-годишниот играч на Рома и покрај настапот на три Светски првенства вели дека Мундијалот е врвот на искуството на секој фудбалер.
„Бев трипати на СП и овој натпревар толку многу ми значи. Можете да замислите како им е на играчите кои никогаш немаа шанса да одат на СП. Таа мотивација мораме да ја искористиме“, вели Де Роси.