Италијанскиот фудбалер Диего Копола е нов играч на Брајтон, објави англискиот клуб.
21-годишниот дефанзивец потпиша петгодишен договор, клубот не објави други детали од договорот.
Копола кариерата ја започна во младинската академија на Верона, за која дебитираше во 2021 година, и досега има 81 настап и постигнато четири гола, два во претходната сезона во која запиша 35 натпревари.
„Диего е големо засилување за клубот. Иако е млад, тој е многу висок, силен и подвижен, и ќе ни донесе значителна физичка стабилност. Тој напредуваше во Серија А и заслужено се најде на списокот на италијанската репрезентација“, изјави тренерот на Брајтон, Фабијан Хурцелер.
Копола моментално игра за италијанската репрезентација до 21 година на Европското првенство во Словачка.
Ова е второ летно засилување на Брајтон, по доаѓањето на младиот напаѓач Хараламбос Костулас од Олимпијакос за 29,8 милиони фунти.