Top Sport

Дембеле играч на сезоната во ЛШ

Фудбалерот на ПСЖ, Усман Дембеле, е прогласен за играч на сезоната во Лигата на шампионите, објави УЕФА, ден по победата на ПСЖ над Интер Милан со 5:0 во финалето во Минхен.

Во тековната сезона, Дембеле постигна 33 гола и регистрираше 15 асистенции во сите натпреварувања.

„Би му ја дал Златната топка на Усман Дембеле, само поради начинот на кој игра во одбраната. Тоа е вистинска скромност. Искрено верувам дека ја заслужува таа награда не само поради неговите голови, туку и поради неговата дефанзивна игра“, рече тренерот на ПСЖ, Луис Енрике.

Меѓу останатите фаворити за Златната топка се Ламин Јамал, Рафиња и Џанлуиџи Донарума.

УЕФА, исто така, го именуваше Дезире Дуе за млад играч на годината во Лигата на шампионите за 2024/25 година. Дуе, во вториник ќе наполни 20 години, во финалето постигна два гола и забележа една асистенција.

Дембеле, Дуе и уште пет играчи на ПСЖ беа вклучени во идеалниот тим на сезоната во Лигата на шампионите, избран од техничкиот панел на УЕФА. Меѓу нив се и: Маркињос (капитен), Џанлуиџи Донарума, Нуно Мендес, Ашраф Хакими и Витиња.

Покрај нив, во идеалниот состав се наоѓаат двајца играчи на Барселона, Ламин Јамал и Рафиња, играчот на Арсенал, Деклан Рајс, како и играчот на Интер, Алесандро Бастони.

Scroll to Top