Викендот што е пред нас нуди дерби натпревари во најсилните европски првенства што секогаш го привлекуваат вниманието на фудбалските фанови. Оние на кои фудбалот им е „во крвта“, викендот ќе го поминат во друштво на ТВ-приемници.
Саботната програма ќе ја отвори дербито на северен Лондон. Тотенхем ќе го пречека Арсенал од 13.30 часот. Тотенхем испаднаа од трката за шампионската титула со поразите од Барнли и Челси, додека Арсенал се во серија од четири победи на последните пет натпревари. На табелата Тотенхем има четири бода повеќе од Арсенал.
Во соседството од 18 часот, ќе започне 159 дерби помеѓу Црвена ѕвезда и Партизан. Црвена ѕвезда од лидерската позиција и со 15 бода повеќе ќе го пречека вечниот ривал.
По завршувањето на дербито во Белград ќе започне италијанското дерби помеѓу Лацио и Рома. „Дерби дела Капитале“ ќе стартува во 20.30 часот, а двете екипи ја сакаат победата која ќе им овозможи да ја продолжат трката за местата што водат во Лигата на шампионите.
Рома е на петтата позиција со 44 бода, шест повеќе од Лацио, но и бод, односно три помалку од Милан и Интер, екипите што се на третото и четвртото место.
Мадрид повторно ќе биде местото каде силите ќе ги одмерат Реал и Барселона. Ова е третото „Ел Класико“ во краток временски период, а вкупно четврто оваа сезона. Барса победи во првенството 5:1, а во Купот со 1:1 и 3:0 г елиминираше Реал во полу-финалето.
Во средата, Барселона победи во Мадрид, во Купот, а во првенствениот дуел ќе влезе со девет бода предност во однос на Реал.
Саботната програма ќе ја затвори големото дерби на португалскиот фудбал. На „Драгао“, од 21.30 часот, Порто ќе ја пречека Бенфика. Дербито може да го одреди идниот шампион на Португалија. Порто се први на табелата со еден бод повеќе од Бенфика.
В недела за издвојување се пресметките во Ливерпул и Неапол.
„Мерсисајд“ дербито помеѓу Евертон и Ливерпул ќе започне во 17.30 часот. Ливерпул се лидери во Премиер лигата, имаат еден бод повеќе од Манчестер сити, а со евентуален кикс на „Гудисон Парк“ ќе ги намалат шансите за освојување на титулата. Ливерпул се во нешто подобра форма, на последните пет натпревари два пати ремизираа и три пати победија, додека Евертон има победа, три порази и победа.
Викендот преполн со дерби натпревари ќе заврши со натпреварот што ќе се одигра во градот под Везув. На „Сан Паоло“, Наполи ќе го пречека Јувентус од 20.30 часот. Дербито ќе се игра за престиж и зголемување на самодовербата бидејќи Јувентус на 13 кола до крајот има 13 бода повеќе од Наполи.