Top Sport

Десетици повредени и 33 уапсени навивачи по синоќешните нереди во Софија

Речиси 60 полицајци и навивачи се повредени во нередите во Софија пред фудбалскиот натпревар меѓу Бугарија и Унгарија во квалификациите за ЕП 2024 година.

Илјадници бугарски навивачи, во четвртокот излегоа на улиците на Софија за да протестираат против начинот на кој се води Бугарскиот фудбалски сојуз, а протестот стана насилен.

Навивачите на неколку минути пред почетокот на натпреварот почнаа да фрлаат пиротехнички средства, камења и пластични шишиња кон полицијата. Бидејќи биле запалени корпи за отпадоци, полицијата одговорила со водени топови. Властите изјавија дека се собрале 4.000 навивачи, а имало 1.500 полицајци.

„Прегледани се 24 повредени лица, од кои седум се хоспитализирани поради повреди на главата, скршеници и иритација поради солзавецот“, изјави за Франс прес портпаролката на градскиот оддел за итни случаи, Катија Сунгарска.

Полицијата пријавила 33 повредени полицајци меѓу кои и тешко повредените, изјави заменик началникот Стефан Иванов.

„Уапсени се 33 навивачи, а се трага по другите злосторници“, рече Иванов, критикувајќи ги „невидените инциденти“ во земјата.

Буугарија и Унгарија одиграа нерешено 2:2, по што Унгарија се пласираше на Европското првенство во Германија во 2024 година.

Бугарија има освоено само три бода од седум натпревари и е последна во групата Г.

Минатата недела бугарските власти предупредија на висок ризик од нарушување на јавниот ред и мир внатре и надвор од стадионот, поради што беше одлучено натпреварот да се игра без публика.

Љубителите на фудбалот бараат оставка од претседателот на Фудбалскиот сојуз, Борислав Михаилов, кој на чело е 18 години.

Навивачите се лути поради лошите резултати на бугарската репрезентација која во последните две децении не се пласираше на големо натпреварување.

Последен пат Бугарија играше на ЕП во Португалија во 2004 година.

Михаилов поднесе оставка во 2019 година, но потоа реши да ја повлече својата одлука.

Тој беше реизбран на функцијата во 2021 година, и покрај наводите за местење натпревари и скандал со расистичко однесување од навивачите на натпреварот против Англија во 2019 година.

Scroll to Top