Top Sport

Дешам е „изолиран“ од членовите на славната француската генерација од 1998

Францускиот селектор Дидие Дешам, можеби доби нов мандат како предводник на „триколорите“, но ја загуби поддршката од своите поранешни колеги од славната шампионска генерација од 1998, откако лани избегнал предновогодишна вечера со нив, а ја игнорирал и поканата за прославата на 50-тиот роденден на Зинедин Зидан, тврди „Л’Екип“.

По поразот во финалето на СП во Катар од Аргентина на пенали, постоеја шпекулации дека токму Зидан ќе го замени Дешам на клупата, но контроверзниот претседател на Француската федерација, Ноел Ле Грает (кој е под истрага за сексуално вознемирување) му го продолжи договорот на Дешам. Според „Л’Екип“ ова е само кулминација на нарушувањето на односите меѓу француските легенди.

Тензиите започнале во декември 2021, на посебната вечера на која присуствуале меѓу другите Зидан, Фабијан Бартез, Јури Џоркаеф и Лилијан Турам, но не и Дешам, кој ја одбил понудата иако беше капитен на тој шампионски тим. Неколку месеци претходно, иако повторно поканет, Дешам решил да не присуствува на 50-тиот роденден на Зидан во Маракеш, Мароко, бидејќи еден месец претхдно починал неговиот татко.

Уште еден член на генерацијата од 1998, Кристоф Дугари признава дека Дешам не е дел од „Ватсап“ групата во која членуваат поранешните фудбалери.

„Имаме чувство дека тој ја избра страната на Ле Грает помалку, но тоа е негова работа. Комунициравме во нашата група на ‘Ватсап’ и бевме шокирани, се чувствувавме нападнати. Дидие не е во групата бидејќи не беше тука кога ја креиравме на таа вечера“, призна Дугари.

Scroll to Top