Утре од 20.45 часот во Торино ќе се игра второто полуфинале во фудбалската Лига на нации на УЕФА, а ќе се судрат селекциите на Франција и Белгија.
52-годишниот селектор на „триколорите“ – Дидие Дешам се враќа во градот каде што помина еден важен дел од играчката кариера. Дресот на Јувентус го носеше од 1994 до 1999 година, а седеше и на клупата на „Старата дама“ 2006/2007 година.
„Мојот фудбал има италијанска душа. Фудбалски гледано, јас сум еден дел Италијанец, затоа што времето поминато во Јувентус остави трага врз мене. Тешко е да се каже дали во фудбалот повеќе сакам да напаѓам или да се бранам. Сите сакаат да напаѓаат, но не можеш да имаш 11 архитекти во екипата. Ви требаат и ѕидари. Треба да се пронајде најдобриот можен баланс. Јас таа рамнотежа ја барам откако во селекцијата се врати Бензема, и се уште не сум ја пронашол на вистинскиот начин“ смета кормиларот на селекцијата на Франција.