Диде Дешам ќе продолжи да биде селектор на француската репрезентација без разлика на нивниот успех на Мундијалот во Русија, потврди претседателот на Француската фудбалска федерација (ФФФ), Ноел ле Грет.
Поранешниот капитен на француската репрезентација која ја освои титулата во 1998 година, Дешам, во француските медиуми беше критикуван поради неатрактивната и неубедливата игра во натпреварите по групи, а фактот што Зинедин Зидан е достапен откако си замина од Реал Мадрид, донесоа шпекулации дека ова е последно првенство на Дешам.
Ле Грет вели дека лидерството на Дешам не зависи од тоа дали тие денеска ќе ја поминат Аргентина, иако целта пред шампионатот на ФФФ беше полуфиналето.
„Договорите се потпишани и тој останува барем до 2020 година. Тогаш ќе видиме што ќе се случи. Светското првенство само што почнува за нас“, изјави Ле Грет.
Дуелот со Аргентина ќе биде 80. на клупата на Франција за Дешам, со што го надмина рекордот на Рејмон Доменеш од 79 натпревари како тренер на „триколорите“.
Фото: ЕПА