Селекторот на Франција, Дидие Дешам вели дека неговиот поранешен колега од националниот тим, Зинедин Зидан еден ден сигурно ќе биде селектор на „триколорите“.
Зидан во четвртокот го шокираше фудбалскиот свет со објавата дека заминува од Реал Мадрид, само пет дена откако им ја донесе третата титула од Лигата на шампионите во низа.
Зидан најави дека би сакал да има мала пауза од работата, слично како поранешните тренери на Барселона, Пеп Гвардиола и Луис Енрике, но Дешам, кој има договор со Франција до 2020, вели дека Зидан е неговиот можен наследник.
„Дали би бил горд да му ги предадам клучевите на францускиот тим? Клучевите не се кај мене, туку кај претседателот на Француската федерација, Ноел Ле Грет. Не знам што Зинедин има во плановите, но мислам дека засега сака да се одмори, да ужива со семејството и со саканите. Потоа, ќе реши. Сигурен сум дека ќе биде француски селектор. Кога? Не знам, но тоа е логично“, вели Дешам.
Дешам додава дека разбира зошто неговиот поранешен колега со кого ја освоија титулата од СП во 1998 година решил да замине додека е на врвот.
„Мора да се почитува неговата одлука бидејќи тој верува дека така е најдобро. Тоа што го направи овие три години е фантастично за него и за неговиот клуб. Но, сфаќам зошто сакаш да заминеш кога си на врвот. Некој ја сака таа слобода, некој не“, додава Дешам.
Фото: ЕПА