Драган Џајиќ, актуелниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Србија, во разговор за агенцијата АФП се присети на периодот кога беше директор на Црвена звезда.
Во 1991 година црвено-белите станаа европски шампиони, а многумина голема заслуга за тој успех му припишуваат на тандемот Владимир Цветковиќ и Драган Џајиќ, кои беа на чело на белградскиот великан.
„Бари требаше да биде само почеток на нашето владеење. Долго време градевме победнички тим, имавме јасен план, имавме договорено уште еден голем трансфер“, истакна Џајиќ.
Уште еден врвен центарфор требаше да пристигне на „Маракана“.
„Давор Шукер веќе беше играч на Црвена Звезда, имаше потпишано преддоговор, а потоа сè пропадна за само еден ден“, рече Џајиќ и додаде: „Почна војна и сè пропадна. Никој не загуби како Звезда“.
Џајиќ посочува дека пријателските односи преовладувале во шампионскиот тим на Звезда и покрај војната која започна во поранешна Југославија.
„Трофејот во Бари ни го донесе Македонецот Дарко Панчев. Тука беа Хрватот Роберт Просинечки, Црногорецот Дејан Савиќевиќ, Рефик Шабанаџовиќ од Босна и Херцеговина и српски играчи“.