Top Sport

Џон Тери: Навивам Ливерпул да ја освои титулата

Џон Тери, според многумина најголемата легенда во историјата на Челзи, ја изненади фудбалската јавност со изјавата дека сака Ливерпул, поради Диого Жота, да ја освои титулата во Премиер лигата оваа сезона. Тери призна дека верува оти неговиот поранешен тим сè уште не е подготвен за таков потфат.

Поранешниот капитен на Челзи одигра 717 натпревари за клубот, постигнува 67 гола, пет пати ја освои Премиер лигата и еднаш Лигата на шампионите, заедно со бројни други титули.

Откако ја заврши кариерата кратко влезе во тренерските води како асистент, а потоа 44-годишниот Тери се врати во својот клуб во јули 2023 година како ментор на академијата и амбасадор на клубот, поради што сè уште е многу близок до првиот тим.

Токму затоа неговата изјава за „talkSPORT“, во која не го поддржува тимот на Енцо Мареска, предизвика чудење.

Тери го издвои Ливерпул, актуелниот шампион предводен од Арне Слот, како фаворит. Една од причините е реалниот поглед на моменталните можности на Челзи и желбата да не се врши притисок врз младиот тим.

Сепак, втората причина е многу потрогателна – Тери сака „Црвените“ да ја освојат титулата во чест на сеќавањето на поранешниот напаѓач на Ливерпул, Диого Жота, кој трагично загина во сообраќајна несреќа во јули.

„Мислам дека титулата е нивна, искрено. Мислам дека имаат огромна мотивација поради многу тажната загуба на Диого Жота. Само поради тоа, навистина се надевам дека Ливерпул ќе може да го стори тоа. Мислам дека тие се најсилниот тим. Манчестер Сити повторно покажа ранливост оваа сезона.“

Тери, исто така, се осврна на својот Челзи. „Не сум сигурен дека Челзи има доволно искуство во тимот за да дојде до крајот. Исто така не сакам да вршам притисок врз нив. Затоа мислам дека титулата му припаѓа на Ливерпул и, како што реков, им посакувам среќа во тоа“, додаде тој.

Foto/ EPA

Scroll to Top