Анхел ди Марија открива дека го скинал писмото со кое Реал Мадрид официјално барале тој да не игра во финалето на Светското првенство во 2014, кое Аргентина го загуби со 1:0 од Германија.
Ди Марија беше еден од „моторите“ на таа репрезентација на Аргентина, но доби повреда на мускулот во првото полувреме од четврт-финалето против Белгија и го пропушти триумфот во полуфиналето против Холандија, пред да остане на клупата во финалето на „Маракана“.
Тој сега тврди дека сакал да биде во тимот, но дека Реал Мадрид на крајот ја добиле „битката“.
„Само тројца луѓе ја знаат вистината – јас, докторот Даниел Мартинез и тренерот Алехандро Сабелја. Имав скинат мускул во мечот со Белгија и бев на 90 отсто. Ногата не беше совршена, но сакав да играм и не ми беше грижа ако никогаш повеќе не заиграм фудбал. Тоа требаше да биде мое финале. Знаев дека Реал Мадрид сакаа да ме продадат и пристигна нивното писмо. Не сакав ниту да го видам и го искинав. Отидов на Алехандро и му кажав дека не сум 100 отсто подготвен. Требаше да добијам инјекција и сакав да се обидам. Но, по состанокот решија да не играм јас“, вели 32-годишниот Ди Марија во интервју за аргентинскиот „Телефе“.