Top Sport

Дики Бортвик на 83 години бара нов фудбалски клуб! (видео)

Дики Бортвик, кого англиските медиуми го нарекуваат најстариот фудбалер на светот, следниот месец ќе го прослави својот 84. роденден и е во потрага по нов клуб.

„Мислам дека можам да одиграм солидни 90 минути. Ќе дадам 100 отсто. Цврст сум како камен, добро граден, немам страв и имам вистинска љубов кон фудбалот. Секој ден работам во својата градина на подобрување на шутот“, вели Бортвик во интервју за „Спорт бајбл“.

Бортвик е пензиониран инженер од Вејмут на југот на Англија и вели дека единствено што му недостасува е клуб, откако претходниот ветерански клуб се затворил.

„Ми недостасува клуб, многу.  Имаше еден друг клуб за ветерани, но тие не се вистински ветерани туку луѓе по 35-40 години“, вели Бортвик.

Вечен навивач на Манчестер јунајтед, Бортвик има над 1.600 настапи во 72-годишната кариера. Во младоста играл за шкотските клубови Рос Каунти и Инвергордон таун, пред да се пресели во Дорсет, каде што има настапи за 11 клубови од ниските лиги, од кои последен во Портланд таун. Тој има прекар „Тенк“, но и 400 запишани голови. Која е тајната?

„Не јадам ѓубре. Се обидувам да имам добра, здрава исхрана бидејќи не можеш да играш фудбал кога изгледаш како буре пиво. Секако, одам на пиво-две секој викенд, но не пијам секој ден“, објаснува Дики.

Scroll to Top