Двајца португалски камионџии, кои директно сведочеле на трагичната несреќа во која животите ги загубија Диого Жота (Ливерпул) и неговиот брат Андре Силва (ФК Пенафиел), ја негираат официјалната верзија на шпанската Цивилна гарда дека возилото било управувано со прекумерна брзина, објавија утрово шпанскиот национален дневен весник „Марка“.
„Ги видов како ме претекнуваат, беа супер смирени. Им давам збор на семејството дека не возеа пребрзо,“ изјави Хосе Азеведо, кој го снимил моментот веднаш по несреќата, додека автомобилот бил во пламен. „Филмирав, застанав, се обидов да помогнам, но за жал не можев ништо. Имам чиста совест.“
Другиот сведок, Хосе Алеиксо Дуарте, нагласува дека автомобилот се движел со „умерена брзина“ и дека патот A52 е „во многу лоша состојба“, потенцијално влијаејќи врз трагичниот исход.
Според извештајот на Цивилната гарда, „сè укажува на прекумерна брзина во однос на дозволеното“, но сведочењата отвораат сомнежи околу вистинските причини за несреќата.
Несреќата се случи на 7 јули, на автопатот A52 кај местото Цернадиља, во покраината Самора – Шпанија. Браќата патуваа кон Сантандер кога нивниот автомобил излета од коловозот и се запали. Жота (28) и Силва (25) загинаа на самото место.