Златко Далиќ, селекторот кој ја однесе Хрватска до славното финале на СП во Русија минатото лето, во Италија ја доби наградата Џани Бера за најдобар тренер, по што призна дека му е „сон“ да биде тренер во оваа земја. Веднаш потоа, тој доби пофалби од новиот директор на Интер, Бепе Марота.
„Би се заблагодарил на моите фудбалери, бидејќи ние сме мала и горда земја, а оваа награда е важна за мене и за моите фудбалери. Сонот останува да се биде тренер во Серија А“, вели Далиќ.
Марота, пак, го пофали Хрватот за неговите успеси во моменти во кои тренерот на Интер, Лучано Спалети е под притисок по низа слаби резултати. Интер има освоено само еден поен во последните три меча во Серија А против Сасуоло, Торино и Болоња.
„Далиќ ја заслужува наградата. Тој стана хрватски селектор како итен избор, и покажа дека е еден од најдобрите нови тренери на светот“, изјави Марота.