Генералниот директор на Манчестер сити, Феран Соријано смета дека Реал Мадрид „имале среќа“ да ја освојат Лигата на шампионите минатата сезона, во која ги елиминираа „граѓаните“ на патот до 14-тата европска титула, и објаснува дека во неговиот клуб не се „опседнати“ со најелитниот европски трофеј.
Манчестер сити е клуб кој потроши милиони фунти во желба за континенталната титула, но иако под Пеп Гвардиола доминираат во Премиерлигата, главниот европски трофеј уште им „бега“ со пораз во финалето пред две години и во полуфиналето оваа сезона. Реал, пак, иако заостануваа во мечевите со ПСЖ, Челси и Сити на патот до финалето, на крајот ги победија Ливерпул со 1:0 во Пари за нов трофеј.
„Трофејот од Лигата на шампионите секако го посакуваме, но знаеме дека за тоа е потребна малку среќа и не сме опседнати со тоа. Луѓето зборуват за успехот кој го имаа Мадрид во последните неколку години, но мислам дека е фер да се каже дека имаа малку среќа. Дури би можел да кажам дека заслужија да загубат против ПСЖ, против Челси, против нас или против Ливерпул. Од друга страна и Реал немаа среќа во 1980-тите и 1990-тите, со фантастичен тим со Емилио Бутрагењо и Ла Квинта, но постојано губеа од Милан. Ако сега имаат среќа, со години не беа толку среќни. Ние сме трпеливи, тоа не е опсесија, ќе победиме кога ќе дојде времето“, вели Соријано.