Top Sport

Дизајнот на новиот дрес на Барселона инспириран од историската 1992 година

Новиот дрес, со новиот спонзор на градите, кој ќе го носи од сезоната 2022/23, го претставија фудбалерите и тренерот на Барселона. Клубот објави дека дизајнот на новиот дрес е инспириран од оние од 1992 година бидејќи тоа е историска година за градот и клубот. Таа година Барселона за прв пат ја освои европската титула, а градот по кој го носи името беше домаќин на Олимписките игри.

Од следната сезона, наместо сега веќе поранешниот спонзор „Ракутен“, предниот дел на дресовите на Барселона ќе го краси логото на „Спотифај“. Покрај тоа, во 12-годишниот договор, потпишан во март меѓу познатиот клуб и најголемиот и најпопуларен сервис за стриминг на музика, беше прецизирано дека стадионот на каталонскиот клуб ќе се преименува во „Спотифај Камп Ноу“.

„Спотифај“, станува главен партнер на клубот и официјален партнер за аудио стриминг. Според шпанските медиуми пишуваат дека „Спотифај“ ќе плати повеќе од 400 милиони евра за влез на култниот стадион.

„Поради клаузулата за доверливост на документите, која се однесува на сите глобални договори на „Спортифај“, не можеме да ги објавиме точните бројки, но можеме да потврдиме дека ова е најдобриот договор во финансиска смисла што Барселона некогаш го добила“, изјави претседателот на клубот Џоан Лапорта.

За промена на името на стадионот, односно додавање на името на спонзорот гласале 89 отсто од членовите на Барселона.

Членовите на Барса, кои се сопственици на клубот, го прифатија овој договор, со надеж дека тој ќе реши дел од финансиските проблеми на клубот.

Според финансискиот извештај за сезоната 2020/21, Барселона должи 1,35 милијарди евра, а само минатата сезона акумулираше загуби од 481 милион евра.

Scroll to Top