Продолжуваат разочарувачките настапи на аргентинската фудбалска репрезентација, откако на пријателски меч во Мадрид на „Ванда метрополитано“ со повратникот Лео Меси во тимот, селекцијата на Лионел Скалони загуби со 1:3 од Венецуела.
Саломон Рондон ги шокираше „албиселесте“ уште во шестата минута, пред Џон Мурилјо со убав гол во 44. минута да ги зголеми маките на Аргентинците.
Ѕвездата на Интер, Лаутаро Мартинез, во 69. минута остави надеж дека е можен пресврт, меѓутоа само шест минути подоцна беше досуден пенал за Венецуелците, кој рутински го претвори во гол Џозеф Мартинез.
Овој резултат уште еднаш ја покажува кризата во аргентинската репрезентација по минатогодишното фијаско на Светското првенство во Русија, каде што прво се „тресеа“ да ја поминат групата, за на крајот да бидат елиминирани од Франција во осминафиналето.
Фото: ЕПА