Гранит Џака признава дека бил многу блиску до заминување од Арсенал во зимскиот преоден рок, додавајќи дека сега добро би размислил дали би ја прифатил капитенската лента на „топчиите“.
Претходниот тренер на Арсенал, Унаи Емери го постави Џака како постојан капитен по заминувањето на Лорен Косиелни во Бордо по гласањето на соиграчите. Меѓутоа, тој остана само два месеци во оваа улога, откако на мечот со Кристал Палас (2:2) луто реагираше кон фановите и ги опцу на 27 октомври. 27-годишниот Швајцарец неколку дена подоцна остана без капитенската лента и беше исфрлен од тимот до декември.
Кога Микел Артета го смени Емери, му даде шанса на Џака да се врати во стартниот тим, но сега, Џака вели дека „двапати ќе размисли“ дали ќе прифати повторно таква улога.
„Знам што можам да дадам на тимот без или со капитенската лента. Но, сега засега, не ја сакам, иако Сократис и Давид Луиз ми кажаа да ја земам против Кристал палас. Ако еден ден повторно добијам таква понуда ќе размислам двапати. Не лажам, размислував да заминам од Арсенал во јануари бидејќи не беше лесно за мене, но го покажав мојот карактер. Не сум човек кој бега од обврски“, вели Џака, кој дојде на „Емирати“ од Борусија Менхенгладбах во 2016 година.