Швајцарија успеа да направи пресврт и со 2:1 да ја совлада Србија за да направи чекор напред кон осминафиналето на Мундијалот во Русија, и во исто време на „орлите“ да им постави императив да ги победат Бразилците во последното коло за пласман понатаму.
Србија имаше посилен старт на натпреварот и рано дојде во водство, но по неколку пропуштени шанси во првото полувреме, Швајцарија направи пресврт со подобра игра во второто полувреме и преку Гранит Џака и Џердан Шаќири, двајца фудбалери со албанско потекло од Србија и Косово да им нанесат горчлив пораз.
Сега по две кола, Швајцарија и Бразил имаат по четири поени, Србија е трета со три поени, додека Костарика е без поени и веќе елиминирана. Швајцарците се поблиску до осминафиналето бидејќи во последното коло играат со Костарика, додека Србија ќе го „нагости“ фаворитот Бразил.
Мечот започна одлично за Србите, откако по уфрлањето на Тадиќ, напаѓачот на Фулам, Александар Митровиќ го матираше Зомер со глава, за да го постигне својот 15. гол во 18 меча за „орлите“.
Србија ја држеше иницијативата во првите дваесетина минути, а Митровиќ повторно се закани со глава во 14. минута, по што Швајцарија полека ја врати иницијативата. Иако имаа поголем дел од поседот на топката, Швајцарија немаше некоја поизгледна шанса. Србија во 37. минута имаше нова шанса од слободен удар, но обидот на Тадиќ лесно го одбрани Зомер.
Во второто полувреме, Швајцарија покажа дека ремито со Бразил (1:1) не беше случајност, откако тргна опасно во напад. Веќе во 52. минута, Гранит Џака имаше фантастичен удар од работ на шестнаесетникот за да постигне еден од најдобрите голови досега на шампионатот.
По ова следуваше мала провокација, откако Џака, кој има албанско потекло токму од Србија, но е роден во Швајцарија, на српските навивачи, кои беа помногубројни во Калининград им покажа орел со рацете.
Швајцарија го продолжи притисокот и веќе во 57. минута, Шаќири го погодува местото каде што спојуваат дирекот и пречката. Коларов упати опасен удар во 68. минута, но Митровиќ не ја следеше добро ситуацијата.
Притисокот вроди со плод откако во 90-тата минута, Џердан Шаќири (кој инаку е роден во Гњилане на Косово), успеа да избега на српската одбрана и да стави печат на натпреварот. Уште еднаш, за крај, на српските фанови им беше покажан „орелот“.
Фото: ЕПА