Емре Џан вели дека уште е фрустриран од тренерот на Јувентус Маурицио Сари, кој не му дал „вистинска шанса“ во Торино, но вели дека е среќен што веќе не е во Серија А.
Германскиот репрезентативец се врати во Борусија Дортмунд во јануари, откако беше клучен член на Јувентус во 2018/19 по трансферот од Ливерпул. Меѓутоа, откако Сари ја презеде контролата на клубот, 26-годишниот Џан се најде на клупата и беше изземен од тимот кој беше пријавен за Лигата на шампионите.
„Последните неколку месеци беа многу тешки за мене. Минатата сезона бев важен дел од тимот, стигнавме до титулата и игравме добри мечеви во Лигата на шампионите. Но, новиот тренер не ми даде ниту најмала шанса. Сепак, времето во Торино беше убаво, иако тоа поглавје е завршено“, вели Џан во интервју за „Билд“.
Џан вели дека бил импресиониран од поранешниот соиграч Кристијано Роналдо.
„Можам само да кажам дека не е на врвот на својата игра преку игра на случајноста. Тој е многу, многу професионален човек. Цел живот го има подредено на фудбалот“, додава Џан.