Најдобриот фудбалер од Босна и Херцеговина, Един Џеко објави дека голот против Барселона на „Ноу камп“ го посветува на жртвите на опсадата на Сараево, која траеше од април 1992 до февруари 1996 и во која загинаа над 11 илјади луѓе.
Џеко е роден во Сараево и целата војна ја помина во својот град, така што не чуди емотивната порака на Фејсбук, во која тој исто така се потсети и на европскиот трофеј на кошаркарскиот клуб Босна, кој се случи исто така на 5 април 1979 година, датум кој остана познат и како почеток на опсадата на Сараево од 1992 година.
„На денешен ден пред 39 години КК Босна стана европски шампион во кошарка. Делибашиќ, Вараиќ, Хаџиќ, Радовановиќ, Ѓогиќ и другите ја покорија Европа. 13 години подоцна, на истиот датум, почна опсадата на мојот град и траеше 1.425 дена. Повторно сите знаеја за Сараево, но не по добро. Загинаа над 1.600 деца, а беа повредени 50.000 мои сограѓани. Тоа беше град во кој не знаеше дали утре ќе го видиш својот најдобар пријател, дали ќе го прегрнеш татко ти и мајка ти. Јас имав среќа и преживеав, но многу мои врсници беа ранети или не се веќе со нас. Овој гол го посветувам во нивна спомен, горд што сум роден и што пораснав во Сараево и во Босна и Херцеговина“, напиша Џеко.