Напаѓачот на Интер, Един Џеко, по поведата над Викторија Плзен (4:0) и пласманот во осмина-финалето, во Лигата на шампионите изјави дека не знае дали ќе остане во клубот и следната сезона.
Фудбалскиот репрезентативец на Босна и Херцеговина постигна два гола за Интер во триумфот над Пилсен.
„Тоа е затоа што Брозовиќ не играше вечерва“, се пошегува Џеко кој беше прогласен за играч на натпреварот, а неговите зборови ги пренесе порталот „semperinter.com“.
„Со исклучок на 10, 15 минути, мислам дека одигравме многу добро. Правам се што можам за да му помогнам на тимот, тоа е моја должност. Некогаш оди добро, некогаш оди полошо, но се трудам да дадам се од себе и на 36 години. Сеуште не сме преговарале околку новиот договор, се уште сме во раната фаза од сезоната. Се чувствувам добро и знам дека се уште можам да играм на ова ниво, па ќе видиме дали кариерата ќе ја продолжам во дресот на Интер или во некој друг клуб” – изјави Џеко.
Фудбалерот на Босна и Херцеговина во Интер пристигна од Рома во 2021 година, а претходно настапуваше за Манчестер сити, Волфсбург, Усти над Лабем, Теплице и Жељезничар.
За селекцијата на Босна и Херцеговина, Џеко одигра 126 натпревари и постигна 64 голови и е рекордер на репрезентацијата во двете категории.