Португалскиот тренер, Нуно Еспирито Санто го продолжи договорот со Нотингем Форест до 30 јуни 2028 година, објави англискиот клуб.
Еспирито Санто е менаџер на Нотингем Форест од 2023 година, а минатата сезона со клубот избори промоција во европските натпреварувања во организација на УЕФА за прв пат по 30 години.
„Воодушевен сум што можам да го продолжам моето патување во овој фантастичен клуб. Откако мојот тим и јас пристигнавме во Форест, работевме исклучително напорно за да создадеме посебна врска меѓу играчите, навивачите и сите во клубот, што ни помогна да постигнеме големи работи минатата сезона. Би сакал да му се заблагодарам на нашиот сопственик Маринакис за неговата континуирана поддршка. Сега е време да работиме понапорно од кога било додека се стремиме кон уште подобри резултати“, рече Еспирито Санто.
Португалскиот тренер беше избран за менаџер на месецот во Премиер лигата три пати во текот на сезоната 2024/25.
„Минатата сезона, Нуно го предводеше Форест до победи на гости над Ливерпул и Манчестер Јунајтед за прв пат по 55 и 30 години, соодветно, како и до најдолгата победничка серија на клубот во првата лига од 1967 година“ – наведува веб-страницата на клубот.