Top Sport

„Додека постојат шанси ќе го бркаме второто место“

Фудбалските репрезентативци на Македонија ги започнаа подготовките за квалификациските натпревари во Израел и Летонија. Четворица играчи од повиканите, Пандев, Трајковски, Тричковски и голманот Димитиревски на соиграчите ќе им се приклучат утре во Ашдод, Израел.

На денешниот брифинг со новинарите очекувањата од дуелот со Израел ги искажаа селекторот Игор Ангеловски и репрезентативецот Бобан Николов.

– Имаме доволно време да ги анализираме, следиме што се случува во нивниот табор, имаат проблеми во составот, вчера стоперот Битон им се повреди. Ќе собереме информации потполно подготвени да влеземе на тој натпревар. Јас реков дека очекувам фудбалерите да бидат на она нивно препознатливо ниво, да бидеме на ниво на сите досегашни мечеви во квалификациите, исклучувајќи го само мечот со Австрија. Ние имаме 2-3 формации во зависност од противниците, но не отстапувам од онаа базична тактика, изјави Ангеловски.

Македонските репрезентативци шансите за пласман на ЕУРО 2020 преку Г-групата ги сведоа на минимум по двата порази во јуни од Полска и Австрија во Скопје.

– Не се предаваме, се додека постојат теоретски шанси да бидеме втори, јас ќе барам од играчите да го бркаме тоа место. Мотиви не недостасуваат, посебно кога се игра за репрезентацијата, тоа не сакам да напоменам што значи. До крај одиме на секој меч на победа, дали ќе биде за подобар пласман или за подобра подготовка во Лигата на Нации со Косово, сеедно. Овие момци досега покажаа дека не познаваат фаворити и јас верувам дека ќе бидат на нивото, рече Ангеловски.

Бобан Николов, пак, смета дека е важно како ќе одигра Македонија, а не противникот.

– Не чекаат два многу тешки натпревари, мислам дека можеме да ги добиеме и двата, зошто да не. Сакаме уште да се докажуваме и да покажеме дека тоа беше само слаб ден со Австрија. Но, што било поминало, сега е најважно што не чека понатаму, оваа репрезентација многу ветува и покажала квалитет. Не одиме да се браниме, одиме на победа, мило ми е што играчите се здрави, едвај чекам да ги видам моите колеги, и мислам дека заедно ако се сплотиме, мислам дека нема да имаме проблеми. Ако бидеме фокусирани како со Полска, ќе немаме проблем. Најважно е како ние ќе одиграме, а не противниците, смета Николов.
Македонија ќе гостува во Израел на 5 септември, а четири дена подоцна ќе играат против Летонија на стадионот во Рига.

извор/ffm.mk

Scroll to Top