Брегалница повторно се враќа на прволигашкиот фудбал по долгата пауза поради настапите на репрезентацијата, но и слободниот термин во претходното коло од Првата македонска фудбалска лига. Утре, во 17. коло од шампионатот „сините“ ќе се соочат со актуелниот шампион Шкупи гостувајќи на дуелот кој ќе се игра на Градскиот стадион во Кичево.
Факт е дека Шкупи ја носи фаворитската улога, но фудбалерите на Брегалница се подготвени за уште еден максимален ритам во очекувано тежок натпревар на кој желбата е да се дојде до позитивен резултат.
„Свесни сме дека ќе биде тежок натпревар против можеби најдобрата екипа во првенството. Јасно е дека Шкупи силно посакува победа и ќе се обиде да дојде до трите бода. Но, ние имаме доволно силен мотив за надигрување со противникот, и знаеме дека само со максимален ангажман можеме до позитивен резултат. Верувам дека ќе биде неизвесен но спортски дуел во кој ќе победи подобриот“, вели крилниот офанзивец на Брегалница, Дарко Додев.
Сите натпревари од 17.коло во Првата лига се закажани за утре, со почеток во 13 часот.