Францускиот фудбалер Килијан Мбапе летово ќе му се приклучи на Реал Мадрид, пишува меѓу другото „Би-би-си“.
Мбапе (25) претходно го извести клубот дека нема намера да потпише нов договор. Тој во Мадрид ќе се пресели како слободен играч.
Тој не го потпиша договорот со „кралскиот“ клуб, но, очигледно, тоа ќе го направи кога веќе нема да може да се сретнат двата тима во Лигата на шампионите.
Моменталната ситуација е дека ПСЖ во осминафиналето на Лигата на шампионите има 2:0 од првиот натпревар против Сосиедад, додека Реал има предност од 1:0 против Лајпциг.
Да потсетиме, својата намера Мбапе му ја соопштил на претседателот на „светеците“ Насер Ал-Келаифи, пред тренингот на 13 февруари.
Подготвен е да потпише петгодишен договор со Реал за 15 милиони евра по сезона, што всушност не е толку многу кога ќе го споредиме со другите играчи на Реал.
Според достапните извори, Лука Модриќ во Реал има плата од речиси 22 милиони евра годишно, а моментално најплатен е Тони Крос со годишна плата од 24,3 милиони евра.
Други извори тврдат дека Французинот ќе има нешто повисока основна плата, на нивото на Џуд Белингам, кој заработува 20,8 милиони евра по сезона.
Она што ќе го раздвои од останатите играчи на реал е бонусот што ќе го добие за потпис на договорот, а тој изнесува 150 милиони евра.
Дополнително, Французинот ќе добие и процент од продажбата на артикли и дресови кои го носат неговото име, па тешко е да се даде конечна проценка колку вкупно ќе заработи.
Според планот на Реал, Лука Модриќ нема да добие нов договор што значи дека од наредната сезона десетката ќе ја носи Мбапе.
Инаку, победникот на Светското првенство со Франција во 2018 година има постигнато 244 гола за ПСЖ.