Top Sport

Домино ефект – Почетино во Јунајтед, Зидан во ПСЖ?

Заминувањето на Оле Гунар Солскјер од кормилото на Манчестер јунајтед би можело да донесе до домино-ефект во европската фудбалска елита, тврди шпанска „Марка“, бидејќи нивниот посакуван наследник Маурисио Почетино наводно е подготвен веднаш да пристигне на „Олд Трафорд“, што би оставило празно место во Пари Сен-Жермен, кое би го пополнил Зинедин Зидан…

Според „Марка“, Почетино ја има целосната поддршка на Сер Алекс Фергусон, додека Зидан е долгорочна желба на катарските газди на ПСЖ. Двете опции не се лесни за реализација, барем до крајот на групната фаза на ЛШ, но во денешниот фудбал се можни и изненадувања.

Пред една година, Тухел го водеше ПСЖ, Почетино беше без работа, Лампард беше во Челси, Пирло во Јувентус, Роналд Куман во Барселона, Зидан во Реал Мадрид, а Солскјер сигурен на клупата на Јунајтед. По 12 месеци, работите се целосно сменети.

Тухел, иако фантастичен тренер, не можеше да најде решение за составот во ПСЖ, и доби отказ, по што ги однесе Челси до титулата од ЛШ. Почетино ја доби тешката задача да ги контролира ѕвездите во Париз, но „Би-би-си“ јавува дека тој е несреќен во француската престолнина, бидејќи семејството му е во Лондон, а дека по третпат не сака да ги пропушти Јунајтед, откако претходно беше блиску до „Олд Трафорд“ додека беше тренер на Саутемптон и Тотенхем.

Зидан пак, од друга страна, нема поврзаност со клубот од Париз – во својата кариера во Франција играше за Кан и за Бордо, а бидејќи е роден во Марсеј, Олимпик секогаш му бил блиску до срцето.

Scroll to Top