Џанлуиџи Донарума стави крај на својата епизода во ПСЖ. Голманот јавно објави и потврди дека ќе го напушти европскиот шампион до крајот на летниот преоден рок и дека потегот на Луис Енрике целосно го разочарал и му го скршил срцето.
Во претходните четири години, Донарума беше прв голман на ПСЖ и еден од најзаслужните што овој тим конечно стигна до титулата во Лигата на шампионите минатата сезона.
Сепак, на почетокот од подготовките за новата сезона, овој 26-годишник ги шокираше сите со одлуката да одбие продолжување на договорот, што беше јасен знак за ПСЖ дека мора да се ослободат од него што е можно поскоро.
Дека не сметаат на Донарума стана јасно кога Луис Енрике не го зеде во ростерот за мечот во Суперкупот на Европа. ПСЖ вечерва ќе игра против Тотенхем.
„Од првиот ден откако пристигнав во клубот, дадов сѐ од себе и надвор и на теренот за да го заслужам моето место на голот на ПСЖ. За жал, некој одлучи дека повеќе не можам да бидам дел од овој тим, што ме разочара и ми го скрши срцето“, рече Донарума и додаде.
„Се надевам дека ќе имам шанса уште еднаш да ги погледнам во очи навивачите на „Паркот на принцовите“ и да се збогувам со нив како што треба. Ако тоа не се случи, треба да знаете дека вашата поддршка ми значеше сè и никогаш нема да го заборавам тоа.“
„Сакам да им кажам на моите соиграчи дека тие се моето второ семејство и им се заблагодарувам за секоја битка, смеа и момент што го споделивме. Вие секогаш ќе бидете мои браќа. Играњето за овој клуб и живеењето во овој град беше голема чест за мене. Ти благодарам Париз“.