Top Sport

Дориев: Шкендија сака успешен старт на сезоната во Првата лига

Шкендија ја заврши авантурата во Европа и веднаш се фокусира на домашното првенство. Поради суспензијата од минатата сезона, Шкендија ќе биде домаќин во Струга ТЛ, но, сепак, крилниот напаѓач Љупчо Дориев очекува триумф на денешниот меч против Силекс.

„Новата натпреварувачка сезона ја започнуваме со висока мотивација и со единствена цел да ја вратиме титулата шампион на Македонија. Имаме добар и компактен тим, а тоа се виде и на натпреварите во европските натпреварувања, каде што докажавме дека имаме капацитет да се соочиме со секој противник. Посакувам новата натпреварувачка сезона да ја отвориме со победа против Силекс“ , вели Љупчо Дориев.

Прилеп е во еуфорија затоа што повеќе од една деценија повторно ќе биде домаќин на прволигашки меч. Победа на домашен терен денеска го пречекува Тиквеш.

Интересно ќе биде во Штип каде се среќаваат Брегалница и Струга ТЛ. Двете екипи во првото коло остварија победи, а напаѓачот на штипјани Милан Ѓокиќ очекува нов триумф на својот тим.

„Задоволни сме што сезоната ја почнавме со победа на тешкото гостување во Струмица. Добро работевме изминатава недела, анализиран е и противникот и останува само да го дадеме максимумот на терен за да дојдеме до посакуваниот резултат. Струга ТЛ е тим кој во првото коло покажа дека ќе се бори за највисок пласман во лигата. Но, со поддршка од навивачите, која ни е потребна на секој натпревар, верувам дека можеме до ново славје“, изјави Ѓокиќ.

Работнички и Академија Пандев доживеаја порази во првото коло, па сега ќе се обидат да стигнат до први бодови.

ПРВА ФУДБАЛСКА ЛИГА – 2. КОЛО (денеска, 17 ч.)
БРЕГАЛНИЦА – СТРУГА ТЛ
ПОБЕДА – ТИКВЕШ
ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС
РАБОТНИЧКИ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ
Слободен е СКОПЈЕ
ВЧЕРА
ШКУПИ – МАКЕДОНИЈА ЃП 2-1

Scroll to Top