Директорот на Борусија Дортмунд, Михаел Цорк ги отфрли шпекулациите кои го поврзуваат Пари Сен-Жермен со спектакуларен обид да го добијат Ерлинг Халанд за 200 милиони евра, повторувајќи дека тие не се заинтересирани за трансфер.
Повеќе европски клубови во последните месеци беа поврзувани со Халанд, како Реал Мадрид, Челси и клубовите од Манчестер, но по вестите за можно заминување на Килијан Мбапе, се зголемија шпекулациите дека ПСЖ ќе „фрли“ пари за да го добие 21-годишниот Норвежанец.
„Ние сме фудбалски клуб, не банка. Нашата позиција е многу јасна и не е променета. Претпоставувам дека ќе мораме да одговориме на луди шпекулации во следните два-три дена. Но, веќе кажавме, и нема да се повторуваме како папагали“, вели Цорк за „Кикер“.