Top Sport

Дресот на Бекенбауер ќе виси под покривот на стадионот на Баерн

Баерн Минхен објави дека дресот на легендарниот играч на клубот Франц Бекенбауер во иднина ќе виси под покривот на стадионот „Алијанц Арена“.

Дресот со број пет ќе биде изложен во огромна големина, за да може да го видат сите присутни на стадионот, а премиерно ќе биде прикажан на претстојниот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите против Баер Леверкузен во среда.

Баерн додаде дека ова е начин да му се оддаде почит на Бекенбауер по повод 125-годишнината на клубот.

„Воодушевени сме што клубот му оддава почит на Франц Бекенбауер на овој извонреден начин на „Алијанц Арена“, откако нашите членови на генералниот состанок одлучија неговиот дрес со број пет да биде повлечен. Спортското срце на Баерн Минхен е дома на овој стадион и длабоката поврзаност на клубот со нашиот „Кајзер“ секогаш треба да се покажува на натпреварите“, изјави претседателот на Баерн Минхен, Херберт Хајнер.

Бекенбауер одигра 584 натпревари и постигна 75 гола за Баерн Минхен во периодот од 1964 и до 1977 година. По завршувањето на кариерата беше тренер и претседател на германскиот клуб.

Scroll to Top